EN SQ МК

СТРУКТУРА НА Евровок

Постојни стандарди

Поимникот Евровок е изготвен во согласност со стандардите на Меѓународната организација за стандардизација:

  • ISO 2788-1986: Насоки за создавање и развивање на еднојазични поимници;
  • ISO 5964-1985: Насоки за создавање и развивање на повеќејазични поимници.

Во сите јазични верзии, дескрипторите и недескрипторите се главно во еднина, додека множина се користи онаму каде еднината не одговара на вообичаената употреба.

Кратенките се избегнуваат секогаш кога е можно, со цел поимникот да биде полесен за разбирање и користење. Единствено акронимите на добро познати организации се земаат како дескриптори. Секогаш се воспоставува реципрочен однос помеѓу акронимот и скратената форма.

Азбучното подредување на термините не е организирано на едноличен начин за сите јазични верзии. Сè уште не е воведена стандардна норма за класифицирање при управувањето на поимникот Евровок.

Следење на вокабуларот

Целта на поимникот е да ги отстрани двосмисленостите на тој начин што ќе обезбеди дека значењето на секој дескриптор во дадениот контекст е јасно. Секој дескриптор може да има само едно значење во областа на која ѝ припаѓа.

Поимникот е составен од:

дескриптори, или претпочитани термини, кои се користат за индексирање и ги означуваат на недвосмислен начин поимите во областите опфатени со поимникот (на пример, „примена на законодавство“);

недескриптори или непретпочитани термини. Синоними или недескриптори никогаш не се користат како термини за индексирање. Тие се користат како пристапни точки во поимникот и како насоки кои го водат корисникот до соодветниот дескриптор со упатство, (USE (УПОТРЕБИ)), (UF (СЕ УПОТРЕБУВА ЗА));

Примери:

примена на законодавство

  • UF спроведување на правото
  • UF примена на правото
  • UF отстапување од правото
  • UF имплементација на правото
  • UF важност на закон

имплементација на правото

  • USE примена на законодавство

семантички односи, т.е. односи кои се темелат на значењето, прво помеѓу дескрипторите и недескрипторите и потоа помеѓу дескрипторите.

Доколку значењето не е доволно јасно, значењето или употребата на дескрипторот може да се појаснети со белешка за опсегот на употреба, претставена со знакот „SN“.

.

Примери:

  • Белешка за дефиниција, доколку го појаснува значењето на дескрипторот:
  • наполица

    SN: Договор со кој сопственикот на имотот го отстапува имотот за дел од приносот.

  • Белешка за употреба, доколку дава насоки за употребата на дескрипторот:
  • малопродажна цена

    SN: Се употребува како спротивно на големопродажна цена, во други случаи се употребува потрошувачка цена.

Кога хомографи – термини кои исто се пишуваат, но имаат различно значење – се земаат како дескриптори или недескриптори, нивното значење се појаснува со објаснување во загради.

Примери:

  • Земја (Германија)
  • оддел (Франција)
  • постапка за помирување (дел од постапка на одлучување)

Структура

ОБЛАСТИ И МИКРОПОИМНИЦИ

На генеричко ниво, Евровок има дворедна хиерархиска класификација:

области, претставени со двоцифрени броеви и наслови:

Пример:

  • 10 ЕВРОПСКА УНИЈА

Микропоимници, претставени со четирицифрени броеви – првите две бројки ја означуваат областа на која ѝ припаѓа микропоимникот – проследени со наслови:

Пример:

  • 1011 ПРАВО НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Нумеричкото означување на областите и микро поимниците е идентично во сите јазични верзии.

СЕМАНТИЧКИ ОДНОСИ

На даденото ниво на дескриптори и недескриптори, структурата на Евровок зависи од семантичките односи:

  • припадност на термините на микропоимник (MT) ;
  • однос на еднозначност (UF, USE) ;
  • хиерархиски однос (BT, NT) ;
  • асоцијативен однос (RT) .

Припадност на термините на микропоимник

Сите дескриптори се проследени со упатување на микропоимник, означен со кратенката МТ, кое покажува на кој микропоимник или на кои микропоимници тие им припаѓаат.

Пример на дескриптор кој му припаѓа на еден микропоимник

националност

MT 1231 меѓународно право

Еднозначност на термините

Односот на еднозначност помеѓу дескрипторите и недескрипторите е прикажан со кратенките:

  • „UF“ (се употребува за), пред недескрипторот;
  • Пример:

    технолошки парк

  • UF научен парк
  • „USE“ (употреби), пред дескрипторот.
  • Пример:

  • научен парк
  • USE технолошки парк (6806)

Кога повеќе термини означуваат еден ист поим, односот на еднозначност појаснува кој термин за индексирање треба да се користи. Во примерот погоре, терминот „технолошки парк“ (кој му припаѓа на микропоимникот „6806 индустриски структури и политика“) е дескрипторот кој мора да се користи за индексирање на поими како што е „научен парк“.

Во Евровок, реципроцитетот помеѓу дескрипторите и недескрипторите се однесува на:

  • синоними;

Пример:

ИЕА (ОЕЦД)

USE Меѓународна агенција за енергетика (7621)

блискозначни зборови или термини кои се сметаат за различни во вообичаената употреба, но се користат како синоними за целите на индексирање.

Пример:

колење добиток

  • USE колење животни (6036)

технолошка зависност

  • USE технолошка независност (0806)

Во случај на термини кои се маргинални во однос на областите опфатени со поимникот, корисникот се упатува повторно на генеричкиот термин. Името на класата и нејзините членови се сметаат за еквиваленти. Генеричкиот термин на класата потоа се зема за дескриптор.

Пример:

  • јаболко
  • смоква
  • круша
  • дуња

USE овошје со семки (6006)

Хиерархиски однос

Овој однос се темели на хиерархиските нивоа на надреденост и подреденост помеѓу дескрипторите. Надредениот термин претставува класа, додека подредените термини претставуваат елементи или составни делови на таа класа. Тоа е означено со кратенките:

„BT“ (поширок или генерички термин) помеѓу поодреден дескриптор и погенерички дескриптор, заедно со назнака за бројот на хиерархиски чекори помеѓу прецизниот дескриптор и секој поширок термин.

Пример:

стандард

  • BT1 стандардизација
  • BT2 технички регулативи

Дескрипторите кои немаат пошироки термини се нарекуваат „највисоки термини“./

 

„NT“ (потесен или поодреден термин) помеѓу генерички дескриптор и поодреден дескриптор, заедно со приказ на хиерархиските чекори помеѓу генеричкиот термин и секој потесен термин.

Пример:

стандардизација

  • NT1 одобрение
  • NT2 сертификација на Заедницата
  • NT1 ознака за сообразност на ЕЗ
  • NT1 хармонизација на стандарди
  • NT1 меѓународен стандард
  • NT2 европски стандард
  • NT1 стандард
  • NT2 производствен стандард
  • NT2 стандард на квалитет
  • NT2 безбедносен стандард
  • NT2 технички стандард

Хиерархискиот однос им дозволува на лицата кои го користат документацискиот систем да го адаптираат нивото на прецизност со пребарување во хиерархијата. Тие може да го прошират или стеснат своето прашање на тој начин што ќе изберат дескриптори со пошироко значење (на пример, „стандардизација“, „стандард на квалитет“, „технички стандард“).

Хиерархискиот однос го појаснува значењето на дескрипторот во неговиот контекст; на пример, смислата во која дескрипторот „печат“ треба да се сфати е појаснета со негово подредување под дескрипторот „масовни медиуми“.

Пример:

печат

  • BT1 масовни медиуми
  • BT2 средства за комуникација

Во Евровок, хиерархискиот однос се утврдува врз основа на логички решенија.

Генерички однос

Овој однос ја идентификува врската помеѓу класа (надреден термин, поширок термин или највисок термин) и нејзините составни делови (подредени термини или прецизни термини).

Пример:

заштитена област

  • NT1 национален парк
  • NT2 национален градски парк
  • NT1 природен резерват

(б)  Партитивен однос

Се однесува на ограничен број ситуации во кои името на еден дел укажува на името на целината, независно од контекстот. Името на целината го претставува надредениот термин, додека името на делот го претставува подредениот термин или термини. Во рамката на Евровок, тоа главно се однесува на следните класи термини:

Геометриски места

Пример:

океан

  • NT1 Антарктички Океан
  • NT1 Арктички Океан
  • NT1 Атлантски Океан
  • NT2 Балтичко Море
  • NT2 Ла Манш
  • NT2 Ирско Море
  • NT2 Северно Море
  • NT2 Норвешко Море
  • NT1 Индиски Океан
  • NT1 Пацифички Океан

Дисциплини или области на знаење

Пример:

хемија

  • NT1 аналитичка хемија
  • NT1 биохемија
  • NT2 ензим
  • NT1 електрохемија
  • NT1 фотохемија

Хиерархиски подредени општествени структури

Пример:

собраниски кабинет

  • NT1 потпретседател на Собрание
  • NT1 претседател на Собрание
  • NT1 секретар

(в)  Полихиерархиски однос

Некои дескриптори може да им припаѓаат на неколку области истовремено од логички причини. Една од посебните одлики на Евровок е ограничувањето на полихиерархијата. Дескрипторите кои може да се сместат во голем број области на тој начин ѝ се припишуваат само на областа која се чини најлогична за корисниците.

Меѓутоа, полихиерархијата се прифаќа во поимникот за областите „72 ГЕОГРАФИЈА“ и „76 МЕЃУНАРОДНИ ОРГАНИЗАЦИИ“.

Дескрипторите кои им припаѓаат на овие две области може да им се подредат на голем број пошироки термини.

На пример, „Нигерија“ им припаѓа на сите категории од следниве: „Западна Африка“, Африкански, Карипски и Пацифички (АКП) држави“, „држави на ОПЕК“ и „држави на Западноафриканската економска заедница“.

Така, бројните политики на Европската Унија, кои логично би можеле да спаѓаат во областа „ЕВРОПСКА УНИЈА“, се, всушност, класифицирани во областите со кои се директно поврзани.

На пример, дескрипторот „Заедничка земјоделска политика“ ѝ припаѓа на областа „56 ЗЕМЈОДЕЛСТВО, ШУМАРСТВО И РИБОЛОВ“, додека дескрипторот „политика на истражување на Заедницата“ на областа „64 ПРОИЗВОДСТВО, ТЕХНОЛОГИЈА И ИСТРАЖУВАЊЕ“.

Пример на дескриптор кој им припаѓа на повеќе микропоимници:

Панама

  • MT 7216 Америка
  • MT 7231 економска географија
  • MT 7236 политичка географија

Асоцијативен однос

Асоцијативниот однос е однос помеѓу два дескриптора кои не ѝ припаѓаат на иста хиерархиска структура, иако имаат семантички или контекстуални сличности. Односот помеѓу овие два дескриптора мора да биде експлицитен, бидејќи му предлага на лицето кое го врши индексирањето други дескриптори со поврзано или слично значење кои би можеле да се користат за индексирање или пребарување.

Асоцијативниот однос помеѓу дескрипторите е означен со кратенката RT (сроден термин), вметнат помеѓу два асоцијативни дескриптори.

Пример:

стандардизација

  • RT европско тело за стандардизација
  • RT индустриска соработка
  • RT означување
  • RT начело на меѓусебно признавање
  • RT ознака за квалитет
  • RT техничка бариера

Асоцијативниот однос помеѓу два дескриптора е реципрочен:

Пример:

кредитна гаранција

  • RT финансиска солвентност

финансиска солвентност

  • RT кредитна гаранција

Не постои асоцијативен однос помеѓу дескрипторите со ист највисок термин.

Пример:

Не постои асоцијативен однос помеѓу дескрипторите „игри“ и „спорт“, кои му се подредени на истиот највисок термин „слободно време“ (микропоимник „2826 општествени работи“).

a

Преведено од оригиналните изданија на јазиците од поимникот Евровок (издание 4.4), © Европска Унија, 2012

македонски превод: © Национален демократски институт за меѓународни работи, 2012

Одговорноста за македонскиот превод е целосно кај Националниот демократски институт за меѓународни работи